УЛОГАТА НА ДРЖАВНИТЕ РАЗВОЈНИ БАНКИ


Статија во ‘е-Банкар‘ број 6

М-р Бесим Билали
Главен оперативен директор
Македонска банка за поддршка на развојот а.д. Скопје

НОВИТЕ ДВИЖЕЊА ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Во ситуација на финансиска криза и глобална рецесија, улогата и придонесот нa развојните банки кон стабилизација и зачувување на ликвидноста е многу битна

Денес, меѓу развојните банки во Европа и пошироко во светот постои голема разновидност во нивното работење. Разликите се јавуваат од тоа кој е основач на банката, која е целта на основањето, со чии финансиски средства работи банката (сопствени, прибавени од пазарот), имаме национални и регионални развојни банки, дали финансираат само приватни проекти SME, има банки што финансираат државни проекти и од локалната самоуправа.

Но, државните развојни банки имаат заеднички особености, односно сличности:

1. Улогата на државните развојни банки е да го олесни пристапот до финансии на малите и средните претпријатија.

2. Улогата на промовирање на економскиот развој и зајакнување на конкурентската моќ на малите и средните претпријатија при извоз.

3. Развојните банки се еден вид катализатор на стопанството, особено во време на глобални економски кризи.

4. Финансираат на долги рокови со поволни каматни стапки.

5. Финансираат сектори за кои традиционалните банки или имаат мал интерес (земјоделство) или фрагментизацијата е толку голема што потенцијалните клиенти би имале високи трошоци за провизии.

6. Развојните банки најчесто се основани и се во сопственост на државата.

Бидејќи спектарот на дејствување на овие банки е многу опсежен, тие имаат иста мисија – развој, но и голем дел свои особености, затоа треба да прифатиме една дефиниција за нив.

За да немаме двоумење, поимот државна развојна банка е дефиниран од страна на Европската комисија во ноември 2014 година. „Државната развојна банка е правен субјект што професионално се занимава со финансиски активности, што има мандат од државата и се занимава со развојни и промотивни активности.“

Во некои земји од ЕУ развојните банки се успешно распространети, на пример во Германија, Шпанија и Италија, каде што нивната улога е мошне добро прифатена.

Во Македонија, Македонската банка за поддршка на развојот – МБПР е основана во 1998 година и успешно работи во поддршка на малите и средните претпријатија. Извозните компании и компаниите од примарното земјоделство и преработувачите на храна се во фокусот на банката. Банката со поголема активност е присутна од 2009 година по глобалната финансиска криза, со четири кредитни линии од ЕИБ во вкупна висина од 350 милиони евра. Со овие значителни средства е финансиран реалниот сектор за нови инвестиции, како и за средства за тековно работење и зачувување на ликвидноста.

Во Европската унија има голема разновидност во поглед на историско постоење, т.е. кога се основани, и активности што ги вршат националните и развојните банки. Така, во поголемиот дел на ЕУ имаме развојни банки што постојат веќе еден век, а поновите истражувања на Европската комисија покажуваат дека бројот на овие банки е зголемен во последните десет години. Досега, само во две од нив, Грција и Малта, нема државни банки (во процес е нивно формирање).

Битно е да нагласиме дека во најголемиот дел државните банки како основна цел им е да ги финансираат малите и средните претпријатија. Како споредна активност, во голем дел од нив развојните банки финансираат и помали во обем инфраструктурни проекти, особено во општините.

Најразвиена структура на развојни банки има Германија, која има регионални развојни банки. Секоја република има своја развојна банка. Од организациски аспект, секоја од овие развојни банки се активни и одговараат на регионалните авторитети, на пример NRW bank (North Rhine Wesphalia) дејствува во еден регион. Слична е состојбата и во Шпанија, каде што речиси во сите шпански региони постои најмалку по една развојна банка. Во Италија ситуацијата е исто така многу добра.

Другите земји-членки на Европската унија имаат најмалку по една развојна банка. Ирска и Португалија, последни во групата, скоро имаат основани државни банки, основани во последните три години.

Во последната декада, а посебно во последните години, тенденцијата на пораст на бројот на овие банки е во подем како во Европа, така и во светски рамки. Очигледна е нивната улога во целокупната економска активност. Во ситуација на финансиска криза и глобална рецесија, улогата и придонесот на овие банки кон стабилизација и зачувување на ликвидноста е многу битна. Развојните банки се добар економски инструмент за поддршка на секоја национална економија, подобрување на климата за бизнис, растеж на вработеноста, како и подобрување на целокупниот животен стандард.


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by