Онлајн дебата во организација на првата македонска банкарска академија - АБИТ, а во рамките на Глобалната недела на претприемништвото


На првиот ден Глобалната недела на претприемништвото, на 14-ти ноември, 2022 година, успешно заврши економската дебата, на тема:
„ПОСТ-КОВИД ПЕРИОДОТ И ВИСОКАТА ИНФЛАЦИЈА - ЕФЕКТИ ЗА ЕКОНОМИЈАТА И БАНКИТЕ“


Видни домашни експерти и општествени титулари од областа на финансиите и банкарството, говореа на настанот за ефектите на кризниот период, актуелните настани во државата на економски план и предвидувања за идните текови. Оттука, како говорници на АБИТ економската дебата беа следниве:
- проф. д-р Љубе Трпески, македонски економист, универзитетски професор, поранешен министер на македонската Влада и поранешен гувернер на Народната банка;
- проф. д-р Никола Поповски, економски експерт; универзитетски професор и поранешен министер за финансии;
- проф. д-р Борче Треновски, економски експерт; професор на Економскиот факултет во Скопје;
- Трајан Ангелоски, Претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија;
- Тања Дејаноска, Потпретседател на Сојуз на стопански комори на Македонија; и
- Бојан Цветановски, Претседател на Извршниот одбор на Здружението на финансиските пазари на сите банки во Македонија – АЦИ; Раководител на оддел / Филијала во НЛБ Банка АД Скопје.

Модератор на дебатата беше проф. д-р Синиша Наумоски, претседател на академскиот совет на АБИТ - Академијата за банкарство и информатичка технологија и претставник на управата на Хајделберг Институтот во Скопје.

Настанот го отвори Симона Чаминска, национален координатор на глобалната недела на претприемништвото. Имено, таа, како што кажа во поздравниот говор, глобалната недела на претприемништвото претставува светска иницијатива што моментално, неделава се одржува во 200 други држави во светот и обединува публика од околу 10 милиони жители и се фокусира на теми од претприемништвото.

Во воведната дискусија, а во улога на модератор, д-р Синиша ја нагласи актуелноста на темата, особено ако се знае дека македонската, па и глобалната економија, влегуваат во последователна криза, веќе трета година. Имено, како што се констатираше во воведот, оваа кризна година ако направиме една објективна анализа на македонскиот банкарски систем, таму, може да се забележи состојба во која преовладува реален оптимизам истовремено со присуство на голема претпазливост од страна на регулаторот во монетарниот систем. Понатака, д-р Наумоски, додаде дека не треба да сме многу упатени за да согледаме дека банките си ја вршат нивната работа, добро, иако е кризна година, и тоа трета по ред. Но, тука, важно е, како што нагласи, како стопанството и граѓаните ја поднесуваат кризата?

Во неговото излагање, проф. д-р Љубе Трпески нагласи дека причините за појава на инфлацијата се општо познати, во целиот свет па и кај нас. Како што рече, на студентите, за ваквите теми, им предавале на економскиот факултет како класичен пример на инфлација на трошоци. Поточно, тој рече дека трошоците се главни двигатели на ваквата инфлација и тоа, трошоците од порастот на енергенсите и порастот на храната во светот. Повод е ова што се случува во Украина. Кај нас, пак, има уште еден трет фактор, како мала земја, за поратот на цените, а тоа се инфлациските очекувања, додаде проф. д-р Трпески.

Неговата констатација за актуелната состојба со инфлацијата, беше следната: „Кога е класичен пример на инфлација на трошоци, тука, монетарната политика нема простор за делување или не е толку ефикасна како што се мерките кои се преземаат со фискалната политика. Народната банка презеде одредени мерки, и тие се во ред за смирување на инфлацијата, меѓутоа за разлика од земјите од еврозоната, кај нас нема таква меѓузависност помеѓу мерките што ги презема Народна банка и комерцијалните банки, заради тоа што нашите комерцијални банки пливаат во ликвидност и немаат толкава потреба од ликвидносни средства од нашата централна банка, како што имаат во овие земји од еврозоната, и заради тоа, таму, подигањето на референтните каматни стапки на Централните банки има многу поголемо и побрзо влијание од колку што тоа е кај нас.

„Излезе еден денешен текст на Меѓународниот фонд, каде што се вели дека ММФ соопштува дека забавувањето на растот на светската економија е евидентен. Значи првите знаци се дадени.“ Вака започна излагањето на проф. д-р Никола Поповски. Понатаму, тој констатираше дека намалувањето на инфлацијата во идната година (во 2023) па и понатаму, нешто што до вчера ни било релативно умерено во рамките на едноцифрена или на граница со двоцифрената од околу 10 отсто, сега ни станало нормално. „Па дури, сега, со прогнозите за идната година во светот и особено во нашата земја дека ќе имаме инфлација мерена на годишно ниво некаде до 8, 9 или 10 отсто, ни изгледа задоволителна проекција, откако го поминуваме ова искуство каде што веќе стигнавме близу до 20 отсто, и се плашам дека почнуваме да се навикнуваме на новата нормалност...“, дополни д-р Поповски. Во таа насока, тој подвлече дека се плаши, денес, ако за успех го сметаме инфлацискиот удар во наредната година од 8 до 10 отсто и ќе мислиме дека тоа е добро.

Понатаму, беше дадена една важна препорака од проф. д-р Поповски, и тоа: „Можеби треба да се размислува, кога бараме разлика помеѓу причини и поводи за нешто, дека можеби војната во Украина е само повод за појавата на инфлацијата во светот, можеби не и директна причина.“ Имено, тој ги отвори дилемите за тоа дали предолго време економистите во светот се надевале дека инфлацијата само по себе ќе се контролира на некое ниско ниво, без надлежните да вложат дополнителни напори, како и дека ќе можат со релативно експанзивна фискална и монетарна политика да се движат економиите во светот, па и кај нас, кон бркање на економски раст, а притоа, надлежните да мислат дека инфлацијата нема да се појави.

Тука, на дебатата се постави едно важно прашање: Дали цените на стоките и услугите се тие што генерираат инфлација или инфлацијата, сепак, се генерира од емисијата на пари или од начинот и количината на понудата на пари и какава е таа меѓузависност?

Во дискусијата на претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Трајан Ангелоски, беше речено дека цело време се фокусираме на инфлацијата како појава, од стојалиште на негативност, ако се имаат во предвид зголемените цени и намалувањето на куповната моќ. Меѓутоа, според него треба да се подвлече дека има повеќе погледи на целата таа работа. Имено, како што рече Ангеловски, денес на површина излегоа проблемите кои сме ги прикривале изминативе години, како што се: недоволното производство на електрична енергија, недоволното производство на храна и на одредени други производ, како и негативниот биланс во увозот и извозот... Затоа, дополни Ангеловски, денес, дојде моментот на вистината каде што сите овие бројки беа немилосрдни и ја предизвикаа оваа инфлација.

Имено, неговата анализа, преку дискусијата на панелот покажа дека еден од причинителите за ваквата инфлација во македонската економија може да се бара во преголемата изложеност на европскиот континент од производите кои се увезуваат од континентот Азија. За таа цел, тој го наведе следниов пример: ако нормална цена на бродски транспорт, чинела секогаш во минатото од 800 до 1.000 долари, наеднаш, денес, истата таа цена дојде до ниво од 7.000 до 10.000 евра. Практично, тоа, како што кажа Ангеловски, било значајна компонента на притисок врз компаниите.

Како втора, а многу значајна причина за појавата на инфлација, претседателот на комората Ангелоски, во дебатата ја наведе даночната реформа на ЕУ. Имено, тука се мисли на новиот еколошки данок, кој, ЕУ го воведе, со особен осврт на фосилните горива и на енергијата добиена од нив. Како пример, тој ги наведе цените на електричната енергија, наназад во минатото, каде таа имала цена од 50 до 60 евра за мегават на час, за наеднаш, цената да достигне високи размери од 100 до 120 евра за мегават на час. На крајот, како трета причина за појава на инфлацијата, Ангелоски ја наведе војната во Украина, која, предизвикала за зголемување на цената на гасот и храната. Од ова, тој, пред присутните го постави следното прашање: Дали, кризата треба да ја гледаме како трагедија, или, пак, кризата треба да ја гледаме како еден вид на потенцијална шанса?

Од страна на проф. д-р Борче Треновски беше истакнато дека како експерт, ако го прашавме пред десетина година, не би имал можност да го предвиди ваквото денешно сценарио на економијата. Имено, како што кажа, денешната домашна економија се наоѓа во исклучително лошо сценарио, во кое, се содржани и инфлацијата и рецесијата, заедно.

Според проф. д-р Треновски, причинителите за ваквата денешна инфлација, започнуваат уште од 2008 година, кога, практично започнува политиката за квантитативно олеснување, каде, централните банки ги зголемувале своите биланси, а ликвидноста константно се вбризгувала во економијата. Практично, како што тој кажа, економијата многу поспоро функционирала, иако имала огромна ликвидност. Тоа, после пандемијата, доведувало до забрзување финансиските трансакции, секако и како резултат на новите начини на плаќања и движења на монетарните трансакции. Увозната зависност ни е екстремно голема, а исто е и на страната на извозот, што доведува за вакви неповолни состојби во економијата, особено со високите стапки на инфлацијата, додаде д-р Треновски. Во неговата дискусија, провејуваше констатацијата дека земјите кои имаат пониско домашно производство на храна и електрична енергија, секогаш потешко се справуваат со инфлаторната криза. Оттука, тој ќе рече - може да се види дека различни земји, членки на ЕУ, имаат иста монетарна политика, но различно реагираат на инфлацијата и затоа имаат и различни стапки, а иако се дел на една иста европска монетарна унија. За жал, ние не можеме да влијаеме на структурата на економијата, која ја имаме сега, моментално, додава д-р Треновски.

Тања Дејаноска, од сојузот на стопанските комори на Македонија, потенцираше дека здравствениот сектор во текот на кризата бил сериозно оптоварен и дека последиците од таквата состојба се чувствувале и денес. Имено, таа се осврна и на времето кога комората имала спротивен став во поглед на реформата за зголемување на минималната плата, во споредба со владините политика, за денес, како што кажа, сето тоа да има допринос кон растот на инфлацијата.
Инфлацијата не е целосно увезена бидејќи дел од трошоците и ние внатрешно ги креиравме како што е на пример зголемувањето на минималната плата. Кризите доаѓаат една по друга а најголемиот удар е на микро, малите и средни претпријатија, околу кои се стега обрачот и неизвесно е како ќе опстојат и колку ќе опстојат до пролетта“, истакна Дејаноска.

На крајот, Бојан Цветановски, од позиција на претседател на Здружението на финансиските пазари на сите банки во Македонија – АЦИ говореше за криптовалутите, како дефлаторен феномен или ветување версус новата инфлаторна реалност. Точно е дека централните банки започнаа со политиката на квантитативно олеснување, меѓутоа инфлација во изминатите 10 години не се појави, нагласи Цветановски. Во таа насока, Цветановски направи една паралела за движењето на цената на криптовалутите во тие периоди.

Заклучоци од АБИТ дебатата
Како што беше подвлечено од страна на дискутантите, така, ние од АБИТ ги издвојуваме следниве 13 препораки:

1. Верувам во кооперацијата и координацијата помеѓу Народна банка и Министерството за финансии и дека ќе најдат сили да ја надминеме оваа криза. Клучно, во овие услови е да постои тесна координација помеѓу нив, подвлече поранешниот Гувернер, проф. д-р Љубе Трпески. Имено, тој, не е за предизвикување на рецесија, туку за благи мерки кои веќе ги презема Народна банка, а го разбира и исцрпениот буџетот, па затоа предлага да се насочи државата само кон ранливите категории на граѓани;
2. За проф. д-р Никола Поповски е поприфатливо да се заузда инфлацијата сериозно, па ако е потребно да опстојува една или две години мала рецесија во економијата, отколку да продолжи инфлацијата, која, со себе носи многу поголеми проблеми, а за сметка на губењето на 1 до 2 отсто од потенцијалниот раст во наредната година, кој, пак, евентуално би се претворил во 0,5 или 1 отсто негативен раст;
3. Исто така, според проф. д-р Поповски, во Македонија постои свесност дека моменталниот раст го одржуваме на некое ниво, кое, не значи ништо многу или изнесува од 2 до 2,5 отсто со перспективи исто толку да биде и во наредната 2023 година, но сите други индикатори во економијата ни станаа стравично лоши. Од ова, како тој заклучува, се добива еден вкупен контекст на влошување на индикаторите, во кој, може да се случи – инфлацијата висока, а индикаторите уште полоши. Затоа, може да се бара излез, барем инфлацијата да се зауздува колку што е тоа можно во наши раце;
4. Стопанството е секогаш една оптимистична категорија составена од луѓе и идеа. Зад ваквата теза, стојат позитивни примери на компании кои имаат донесено добра енергетска политика и се организираат во функција на намалување на високите сметки за електрична енергија. За таа цел, денес, некои од компаниите имаат нула трошоци за електрична енергија, дури некои од нив, генерираат вишоци на електрична енергија и истата ја продаваат на берзите. Истото важи и за храната. Со години, државата има погрешна земјоделска политика за субвенции, но денес има драстични промени на таа политика, каде што, субвенциите ќе се исплатуваат по реално произведена количина на харана, а не како во минатиот период на квадрат површни, заклучува Трајан Ангеловски;
5. Ангеловски е силно убеден дека силниот енергетски удар, кој, беше предизвикан од целата кризна состојба значајно доведе до зголемување на рамките на количеството на електрична енергија, глобално, драстично над досегашното производство, а со тоа, денес веќе се влијае и врз нова стабилизација и намалување на цената на електричната енергија на светските берзи;
6. Да работиме на среден рок врз структурата на економијата со цел да се донесат мерки кои би делувале на економските субјекти, на бизнисите, како и на влијанието на инфлаторните очекувања врз нив, а на краток рок, можеме само да влијаеме на однесувањето на граѓаните, порачува проф. д-р Борче Треновски;
7. Бизнис секторот треба да се подготви за глобално преструктурирање за периодот кој доаѓа. Во таа насока, треба да се размислува за инвестиции во фотоволтаици, но и како да се привлече нов капитал од надвор, во бизнис секторот. Тука е онаа „nearshoring (приближување) опција“ на ЕУ, каде најсилните европски економии сакаат да ги снабдуваат своите добавувачи и главни компании со клучни производи, но да бидат блиску до ЕУ. Тука е нашата голема можност и можноста за бизнис секторот, практично, се врзуваме како вагон зад една голема локомотива која вози напред, препорачува д-р Треновски;
8. Во оваа состојба, секој од чинителите на системот, мора да изгуби по нешто, ако сакаме да продолжиме напред во баланс, а тоа се државата, бизнисите и граѓаните. Монетарната политика треба да биде крајно внимателна во своето затегање, за да не ја довде во прашање ликвидноста и стабилноста на своите банки во системот. Од друга страна, пак, фискалната политика треба да се воздржи од непродуктивно екстремно трошење, а за сметка на тоа, таа треба да се фокусира на својата ефикасност и ефективност (во контекст на државната администрација и капиталните расходи), смета д-р Треновски;
9. Во 2020 година, нас, како држава не извадија услужните дејности, а ние сега некако, како да ги занемаруваме тие микро, мали и средни претпријатија, кои, се занимаваат со услужни дејност, смета Тања Дејаноска од Сојузот на стопански комори. Има компании, особено здравствени установи каде цената на електричната енергија за месец, достигнува, некаде и до 25 отсто од приходите за соодветниот месец, додава Дејаноска;
10. Бојан Цветановски заклучува дека за трансакциите на криптовалутите се трошат огромни количества електрична енергија, дури и колку некои помали држави целосно што трошат електрична енергија за една година, во иста мера;
11. Двојното покачување или дуплирањето на цената на електричната енергија, не смее да го потцени овој фактор за високата потрошувачка на електрична енергија, предизвикан од т.н. копачи на биткоини, во глобални рамки. Тоа, предизвика да се алоцираат слободните средства во обврзниците, кои поново стануваа примамливи за инвеститорите, потенцира Цветановски;
12. Капиталните загуби на инвеститорите во крипто-инвеститорите се огромни, што значи нема успех во заштитата на овој вид на инструменти од инфлаторните движења, дури и некои берзи имаат проблеми на исплата кон вложувачите, на крајот заклучува Цветановски; и
13. Општ заклучок на дебатата е следниов: фискалната и монетарната политика мора да бидат координирани.

Напомена - на следниов линк може да се проследи видео од целосната АБИТ дебатата: https://www.youtube.com/watch?v=LU0nCSLf4pE


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by