#АБИТинтервју: Запознајте ја Андриана Матлиоска, compliance officer во Силк Роуд Банка АД Скопје и дел од нашето портфолио на #УспешниПриказни на Академијата за „Corporate Governance & Compliance“.
1. Дали може да дознаеме нешто повеќе за Вас и Вашиот кариерен пат?
Ми причинува посебно задоволство да го споделам моето искуство од Академијата за банкарство и информатичка технологија како алумни на сертификационата програма „Corporate Governance & Compliance“. Моето име е Андриана Матлиоска, магистер на деловно право и во моментот докторанд на правни студии при факултетот „Јустинијан Први“ во Скопје.
Мојата кариера ја започнав во Министерството за финансии, институција од јавен сектор, каде се запознав со начинот на кој функционира системот на јавните финансии, начинот на изготвување и донесување на регулатива од финансиска област и нејзина имплементација. Министерството за финансии истовремено беше институција – регулатор на дел од учесниците од финансискиот сектор, што ми овозможи да ги осознаам начинот и методите на којшто функционираат супервизорите на регулираниот пазар.
Мојата кариера ја продолжив во банкарскиот сектор, повторно институција од финансиска област, при што посебен предизвик ми претставува позицијата на compliance officer, на што во моментот работам во Силк Роуд Банка АД Скопје.
2. Како дојдовте до идејата да се запишете на Академијата за „Corporate Governance & Compliance“?
Моето претходно работно искуство и фактот што сум правник по професија ме мотивираа да продолжам да се надоградувам во областа на корпоративното управување и усогласување со прописите.
Моите лични принципи и принципите на интитуцијата во која работам се во насока на континуирано надоградување на професионалните вештини и знаења. Од таа причина програмата „Corporate Governance & Compliance“ ја оценив како најсоодветна од аспект на надополнување на моите знаења во кариерата што ја избрав.
3. Дали и колку Ви помогна во тоа што го работите денес?
Ги разгледав модулите во програмата на „Corporate Governance & Compliance“ и притоа утврдив дека содржински се блиску до современите трендови за стручно усовршување во оваа област кои го нудат образовни институции во Европа.
Моето искуство е позитивно по завршување на оваа програма и сметам дека значително придонесе во усовршување на моите знаења и од аспект на регулативата, но и од аспект на методите и принципите по кои треба да се води еден compliance officer.
4. И за крај, што би им препорачале на идните студенти на програмата „Corporate Governance & Compliance“?
Срдечно им препорачувам не само на професионалците од областа на банкарскиот и финансискиот сектор, туку и на сите професионалци кои сакаат да ги подобрат своите компетенции на пазарот на трудот, сериозно да ја разгледаат програмата и да учествуваат на истата.
Покрај квалитетот на самите модули од кои е сочинета програмата, значително придонесува и интеракцијата со предавачите кои се истакнати експерти од Централната банка, од банкарскиот и воопшто од финансискиот сектор.