Специјалистичка програма за менаџер на филијали (Certificate Branch Manager)

Статија во „е-Банкар“ број 9

Татјана Калајџиева

Директор на сектор за продажба и мрежа на филијали

Стопанска Банка АД Скопје

Почнувајќи од 2018 година, Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ) го прошири својот делокруг на обуки со програмата за сертифициран менаџер на филијала.По многу елементи ова е специфична програма, можеби и прва во целиот регион,што подразбира дека целиот тим кој работи и координира во АБИТ Македонија ги прави пионерските чекори во оваа област на едукација.

Идејата за воведување на специфицираната обука произлегува од фактот дека работењето во динамична околина,особено во делот на банкарството на мало, ја прави улогата на менаџерот на филијала одлучувачка во делот на обезбедување на успехот на банката – нејзината репутација и профитабилниот пораст.

Менаџер на филијала е многу динамична позиција со многу одговорности,што бара широки компетенции за да се биде успешен. Задачите на еден менаџер на филијала постојано се надградуваат, при што во теоријата сè поактуелна е дефиницијата на т.н. „Супермен синдром“. Од него се очекува да биде претставник на банката на локално ниво, да ги познава сите активности што се случуваат на пазарот и соодветно да информира за тоа, а истовремено успешно да раководи со резултатите на филијалата и да ги усогласи сите активности што се извршуваат на тоа ниво согласно прописите и тековните процедури за работење. Истовремено, она што од еден модерен менаџер се очекува е да ја води транзицијата за оптимизација на дигиталните канали на интеракција со клиентите и да биде клучен медијатор кој ќе ги мотивира вработените да го прифатат и да го промовираат мултиканалниот пристап на клиентите до услугите и производите на банката со што ќе обезбеди ефикасност и повисока профитабилност во работењето. Од тој аспект, согледувајќи ги предизвиците што стојат пред еден менаџер на филијала, многу значајно е на оваа позиција банката да има високо трениран и мотивиран кадар.

Програмата за сертифициран менаџер на филијала (Certificate Branch Manager) нуди интегриран пристап на спојување теорија и практични вештини од делокругот на работењето на филијалата, во насока на унапредување на компетенциите на учесниците,што ќе им овозможи успешно да ја извршуваат улогата на менаџер на филијала. Наставната програма се изведува во 48 модули, а сертификатот за успешно положените модули на програмата подразбира дека кандидатот е обучен за компетенциите што се бараат за еден успешен модерен менаџер на филијала и дека тие компетенции во комбинација со практика се добар предуслов за иден успех.

Наставната програма за сертифициран менаџер на филијала (CBM) се одвива во три фази:

–CBM 1: Банкарски бизнис-компетенции;

–CBM 2: Менаџмент и лидерски компетенции;

–CBM 3: Продажни компетенции и промената на улогите во филијалата под влијание на технолошкиот развој.

Целта на предавањата во состав на прво ниво на сертификацијата е менаџерите на филијали да се здобијат со пошироки познавања од повеќе различни области на банкарското работење што имаат влијание, директно или индиректно, на работењето во филијалата.Модулот обезбедува запознавање со организацијата на сегментот за банкарство на мало во банките во Македонија,начелата на кодексот на етика и корпоративни вредности,обезбедува адекватно ниво на знаење за усогласување со барањата на домашната регулатива и ризиците од аспект на работењето во филијалите,повисоки познавања во делот на одредени коефициенти за приказ на работењето на банките и филијалите како нивен составен дел,како и краток осврт за производите и банкарските операции во банкарскиот сектор во Р. Македонија.

Во второто ниво на сертификацијата наставната програма е изготвена во насоката на здобивање на пошироки познавања од областа на менаџерските функции и вештини што секој менаџер треба да ги поседува и, секако, постојано да ги надградува. Тоа е неопходно од причина што ефективниот менаџер на филијала во основата го креира моралниот компас за сите вработени во филијалата и треба да ги инспирира сите нив да обезбедат високо ниво на задоволство на клиентите и со тоа да создадат долгорочна профитабилност на банката.Унапредување на тимската работа и улогата на мотиватор и тренер,техники во областа на менаџирање со времето,решавање на конфликтни ситуации, работење под стрес, развој на нивните вештини за влијание на процесот на одлучување и презентерски вештини се само дел од елементите штосе во програмата на предавањата што секој менаџер ги применува во секојдневното работење со цел ефикасно и ефективно работење со тимот во филијалата.

Третото ниво од програмата за сертифицирање менаџер на филијала е добивање на пошироки познавања во областа на буџетирањето,поставување на целите на работењето во филијалите и следење на перформансите,како и пошироки познавања во делот на продажбата и продажните вештини.Воедно,како сублимирање на сè она што е претставено од страна на предавачите-банкариво трите нивоа, како и видното влијание на новата технологија во секојдневното работење,ќе се осврнеме на тоа како наведеното влијае на трансформација на улогата на филијалата и во која насока се новите очекувања од менаџерот на филијалата согласно настанатите промени.

Би сакала да нагласам дека за стекнување со овој сертификат се пријавуваат слушатели кои во најголем број се искусни менаџери на филијали и кои земаат активно учество во текот на програмата благодарение на своето знаење, истовремено имаат критичен осврт и конструктивни предлози со големо влијание во подобрување на содржината на програмата со што придонесуваат да ја изградиме на адекватно ниво и да ја направиме поблиска и покорисна за сите сегашни и идни менаџери.

Би сакала да го споделам своето задоволство од начинот како се извршуваат обуките во сите сертификати во опусот на програмата АБИТ, каде што изучувањето на материјата е преку искусни професионалци-банкари што претставува надополнување на знаењето стекнато во официјалниот образовен процес и искуството од секојдневното работење.

Да се биде дел од овој пионерски чекор во дефинирање на програмата што  е предвидена за сертифицирање менаџер на филијала претставува и мој личен предизвик, како и можностда го инкорпорирам моето долгогодишно искуство во работењето и раководењето со продажбата и со вработените во мрежата на филијали во креирањето на програмата за обука, секако обидувајќи се да ги соединам очекувањата, пред сè, на новата генерација на банкари – вработени и менаџери. Од тој аспект внесуваме и одредени новини во изучувањето на програмата преку покана на гости-предавачи на секое ниво согласно темата што се предава,на генерални директори на банки,искусни менаџери на највисоки позиции во банките и високо стручни кадри со цел да го пренесат своето искуство и да дадат порака на слушателите во насока на градење на својата кариера како директори на филијали, а истотака и истакнати претприемачи од другите сектори на бизнис-заедницата со цел да го пренесат своето искуство,погледи и ентузијазам како менаџери-претприемачи. Оттука произлезе и идејата полагањето на завршните испити да се одвива преку презентации, со намера, пред сè, да се развие тимскиот дух помеѓу слушателите како иразмена на искуства независно на која банка припаѓаат, а истовремено со овој начин на изразување се усовршуваат во делот на подобрување на презентерските вештини и говорништво како многу битни вештини што се очекуваат од еден современ директор на филијала.Секако, не застануваме тука, наведената програма во сите три нивоа ќе биде перманентно надградувана согласно промените што се случуваат во овој сегмент на финансискиот пазар и очекувањата на директорите кои ја посетуваат оваа програма.

Радува фактот што, иако се поминати само првите два нивоа од оваа нова програма, слушателите споделуваат позитивни коментари од аспект на збогатување на нивните знаења и вештини за секојдневното работење не само од официјалните предавачи туку и од размената на нивните искуства преку активното учество во текот на обукатаи така веќе го применуваат и го издигнуваат своето секојдневно менаџирање на повисоко ниво.

Сертификацијата ќе придонесе и за стандардизација и воведување на ред во динамичните работни обврски со можност за поставување на јасни приоритети при донесувањето на одлуките и соработката со вработените и клиентите.И на крајот, она што успеавме да го постигнеме сите заедно, раководителите на сертификатот и сите слушатели-директори на филијали од поголем број банки во РМ е воспоставување на исклучителна синергија и отворени пријателства,што,сигурна сум,колегите ќе ги продолжат многу години и по завршување на оваа обука.

Стопанска банка АД – Скопје има најширока мрежа на филијали и најбогато искуство веќе 74 години. Во минатото, Банката имала филијали и надвор од границите на Македонија во високо развиени пазари како САД, Велика Британија, Австралија, Германија и сл.

Овие филијали одамна не работат, меѓутоа искуството на овие пазари што потоа беше вратено назад во Банката преку одговорните лица се чувствува до денес. Преносот на знаења, примерите за продуктивност и ефикасност во работата, мотивациските способности, како и вештините за делегирање се само дел од скапоцените искуства што нашите колеги ги споделуваат и со денешните менаџери.

Секако, предвид се имаат разликите во пазарите, менталитетот, потребите на клиентите и разликите помеѓу нив (по возраст, по платежна моќ, по афинитет кон нови технологии, по амбициите и плановите итн.).Меѓутоа, токму затоа Стопанска банка АД – Скопје својот успех го гради врз цврсти принципи на работа, јасно поставени микро- и макро-цели и споделување знаење помеѓу членовите на тимот.

Мораме да признаеме дека сè поголем предизвик за сите нас претставува модерниот и динамичен начин на живот што води и кон неизбежно оддалечување и поретко користење на филијалите за извршување на обични и секојдневни трансакции, што, пак, ни остава простор за поголема советодавна улога и подобрување на релациите со клиентите.

Последните години изработен е и модел на унифицирано работење на филијалите, што овозможува подобри методи за споредба, надградба и учење од добри примери. Со поголема стандардизација постигнуваме подобри резултати и растеме како тим.


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by