Македонска Банка за Поддршка на Развојот – одлична можност
Статија во ‘е-Банкар‘ број 8
М-р Бесим Билали
Главен оперативен директор
Македонска банка за поддршка на развојот
Во услови на постојани промени во деловното работење, банката има стратегија за континуирано надградување и унапредување на својот модел на работа
Во изминатата година, Македонската банка за поддршка на развојот продолжи успешно да пласира средства кон стопанството преку кредитирање на мали и средни компании со своите атрактивни кредитни линии со поповолни каматни стапки. Македонскиот банкарски систем, како и целокупниот финансиски систем, се одликуваше со голема стабилност, а воедно, каматните стапки имаа значителен пад. Придонес за ова намалување има и улогата на МБПР, која во континуитет кредитира со пониски каматни стапки што се субвенционирани од државата.
Во услови на постојани промени во деловното работење, банката има стратегија за континуирано надградување и унапредување на својот модел на работа. Воведувањето на нови банкарски производи, нови инструменти за намалување на ризиците на компаниите, како и нови компоненти на поддршка се дел од мисијата на банката.
Како државна развојна банка што како цел ја има зацртано поддршката на малите и средните компании, како и поддршка на извозот, преку нејзиното работење се постигнати позитивни резултати. Кредитните активности на МБПР се финансирани со користење на два извора на средства, односно сопствени извори на средства и туѓи извори на средства (средства обезбедени од меѓународни финансиски институции,билатерални кредитори и други кредитори).
Воведувањето на нови банкарски производи, нови инструменти за намалување на ризиците на компаниите, како и нови компоненти на поддршка се дел од мисијата на банката.
Така, во 2016 година банката, преку нејзините кредитни линии, пласираше вкупно 72,3 милиони евра, со што беа поддржани 1.130 проекти. Од вкупните пласирани средства, 75% се наменети за долгорочни инвестиции, додека25% за обртни средства. Најмногу финансирани проекти се:44% производство, 27% трговија, другите се услуги и друго.
Слично како и претходните години, за истакнување се кредитната линија од ЕИБ (Европската инвестициска банка), како и кредитните линии од сопствени средства – МСП и ТОС. Вреди да се истакне дека со посебен акцент беше поддржано кредитирањето на извозните компании, како и компаниите што воведуваат нови технологии во нивното работење. Дел од своите кредитни активности банката ги реализираше преку деловните банки со кои има склучено договори за соработка.
Преку кредитирање на малите и средни компании, таа ќе продолжи да го поддржува економскиот развој на државата.
Во делот на поддршката на компаниите преку нудењето на производите на осигурување на побарувањата (извозно и домашно), постигнати се значајни резултати. Во текот на 2016 година, МБПР вкупно осигури 62,7 милиони евра. Од нив, осигурување на извоз во износ од 49,3 милиони евра, што претставува зголемување во однос на 2015 година за 17,4%. Остатокот од 13,4 милиони евра е од осигурување на домашни побарувања од краткорочни комерцијални ризици, што е за 105% повеќе во споредба со 2015 година. Во Република Македонија, МБПР е единствената финансиска институција што врши осигурување на извозни и домашни побарувања од комерцијални и политички ризици на краток рок.
Со својата активност МБПР директно влијаеше во кредитирањето на стопанството со поддршка на реализација на инвестициските планови на компаниите со што се постигнуваат повисоки цели, за што и постои банката, а тоа е отворање на нови работни места и зголемување на економскиот пораст во државата. МБПР, како единствена развојна банка, е значаен чинител во банкарскиот систем. Преку кредитирање на малите и средни компании, таа ќе продолжи да го поддржува економскиот развој на државата.