Проблематични пласмани и наплата на проблематични пласмани

Статија во ‘е-Банкар‘ број 8

Љупчо Милошески

Директор на Секторот за правни работи и управување со кабинет на УО

Стопанска Банка АД Битола

Искуството на банките како инволвирани страни во процесот на наплата на кредитите што стануваат „проблематични“ е сè поголемо во денешната предизвикувачка економска средина.

Должниците можат да имаат силни реакции поради нивното префрлање во делот за наплата во рамките на една банка затоа што тоа им доаѓа како своевидна промена на ставот и однесувањето на банката. Дури и искусни професионалци понекогаш се прашуваат зошто банкарите се заинтересирани за стратегии што, понекогаш, се чини дека се во судир со финансиските предизвици на должникот, па може дури и да се сметаат за неекономски.

Фактот дека однесувањето на банкарските службеници кои работат во делот за наплата е, всушност, управувано од економски побуди и на институционално и на лично ниво, може да дојде како изненадување за многу клиенти. Едноставно кажано, погледот на економскиот свет од страна на банкарскиот службеник кој работи на наплата не мора да биде во согласност со оној на должникот. Затоа, разбирањето на начинот на кој функционираат банките може да го олесни процесот на сите инволвирани странки.

Се менуваат правилата во сценаријата за наплата

Кога кредитот ќе ја помине линијата и ќе премине во наплата, фокусот на банката се менува од развој на бизнисот кон зачувување на главницата. Должниците и вработените во банките, честопати, не сакајќи, можат да се најдат на непозната територија. Разбирањето за тоа како се движите на оваа територија е од клучно значење за успешно преговарање при наплатата на проблематичните кредити.

Важно е вработените во банките и нивните клиенти да имаат предвид дека преминот на кредитот во одделот за наплата не треба да се толкува како објава на војна. Исто така, тоа не го сигнализира секогаш крајот на соработката на должникот со банката. Во многу ситуации не треба да се доживее трансферот во наплата како заклучок дека банката сака да се ослободи од должникот

Иако голем број од предметите во наплата немаат среќен крај, банкарските службеници кои работат на нив ретко пристапуваат кон сценарио едноставно да се преземе или да се продаде колатералот или друг имот на должникот. И покрај тоа што може да биде тешко за должникот да ги разбере и да ги прифати проблемите и потребите на банката, службеникот кој работи во наплата и должникот се борат за истата работа: двајцата сакаат да напредува бизнисот. Ако бизнисот е добар, долгот кон банката ќе биде исплатен, па и должникот и банката ќе заработат пари. Банкарите кои работат во наплата се водат од економски фактори што влијаат на тоа што тие можат да го прифатат во однос на должникот и да се согласат со него.

Разбирање на функцијата на службеникот кој работи во наплата

Службениците кои работат во наплата и банките што ги претставуваат не се разликуваат од кои било други економски субјекти, вклучувајќи ги и нивните должници. Сите (добро, речиси сите) влегуваат во бизнис за да заработат пари, а сите ние знаеме дека парите се прават преку создавање на позитивна економска вредност – оваа формула е универзална. Сепак, она што се смета за позитивна економска вредност дефинитивно не е универзално.

Кога работите се движат како што е очекувано, банките обично ја мерат економската вредност во традиционална и лесно разбирлива смисла: камата и надоместок. Меѓутоа, кога кредитот се движи кон наплата, банката почнува да прави дополнителни трошоци директно произлезени од тој кредит. Дури и ако каматата и надоместокот се платени од должникот, долгот што е во одделот за наплата може да биде непрофитабилен за банката поради начинот на кој таа мора да ги искаже резервациите за тој кредит.

Банкарите кои работат во наплата создаваат позитивна економска вредност преку намалување или елиминирање на трошоците поврзани со долгот. За да се разбере зошто тие се однесуваат на овој начин, мора да се има основно познавање за тоа како влијае врз банката влошувањето на долгот.

Нефункционални средства и загуби

Како нефункционални кредити се класифицираат тие што се достасани 90 или повеќе денови или кредитите за кои банката смета дека крајната наплатливост е доведена во прашање. Оваа дефиниција не подразбира дека должникот пропуштил плаќање – тој плаќа, но не редовно. Доколку банката оцени дека кредитот веројатно ќе резултира со загуба, тогаш треба да размислува за негово класифицирање како нефункционален, дури и ако должникот не пропуштил плаќање.

Прашањето е кои се економските причини за класификацијата на функционални/нефункционални кредити и нивното значење за банкарот кој работи во наплата? Одговорот е едноставен: нефункционалните кредити многукратно ја оптоваруваат банката – ги намалуваат приходите и ги зголемуваат трошоците. Како? Нефункционалните кредити се поризични и бараат зголемени капитални резерви. Капиталот чини пари, па кредит што бара повеќе капитал значи создава повеќе трошоци. Помалку приходи и повеќе трошоци за банката прават негативен резултат. Инвестирање капитал во активности што создаваат негативни резултати не поттикнува позитивна економска вредност за кој било бизнис, па и за ниедна банка.

Ако побарувањето по основа на кредитот не се плаќа, тогаш банката има денар-за-денар загуба за висината на долгот што не може да се наплати.

Дејствување со цел да успее наплатата

Дали сето ова значи дека банкарите кои работат во наплата не можат да преминат преку проблемите што ги имаат во соработката со должникот? Сигурно не. Тоа само значи дека решенијата што се чинат едноставни или очигледни за должниците можат да бидат полни со негативни последици за банката.

Затоа, должниците треба да бидат подготвени за соработка, комуникативни и транспарентни со банкарскиот службеник кој работи во наплата. Довербата и кредибилитетот се името на играта во наплатата. Размислете внимателно околу тоа дали барањата се навистина корисни за сите, вклучувајќи ја и банката, бидејќи за кој било договор да функционира, секој мора да има придобивка. Колку подобро банкарот кој работи во наплата ја разбира ситуацијата и колку поудобно се чувствува во врска со тоа дека должникот ги има преземено сите расположливи мерки за самопомош, вклучувајќи и помош од специјалисти кои ги преструктуираат ваквите компании, толку повеќе е подготвен да помогне во развојот на решение во рамките на банката.

 


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by