ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО БИ ЗНАЧЕЛО ПОВИСОК СТЕПЕН НА СИГУРНОСТ НА ГРАЃАНИТЕ, СТОПАНСТВОТО И НА ДРЖАВАТА 


ИНТЕРВЈУ за „Е-Банкар“ број 7

Mилојица Дакиќ,
доскорашен гувернер на Централната банка на Црна Гора

Тоа би бил добар сигнал за потенцијалните надворешни инвеститори слободно да инвестираат во Црна Гора

 

1. Пред крајот на својот мандат остваривте состаноци со претставници на ММФ и на Светската банка. На состаноците се разгледуваше економската ситуација на Црна Гора со посебен акцент на динамиката на пораст на капиталните инвестиции и резултатите на фискалната политика. Во тој контекст, каква е оцената на претставниците на ММФ и на Светската банка?

- Оцената на ММФ и на Светската банка за состојбата на банкарскиот сектор на Црна Гора е мошне поволна. Позитивно се оценети напорите за намалување на нефункционалните кредити и каматните стапки на банките. Она што загрижува од гледиште на овие институции е влошената состојба на фискалната позиција. Порастот на јавниот долг и буџетскиот дефицит, во најголема мера, е условен од зголемувањето на надворешното задолжување, првенствено за изградба на автопатот. Двата показатела, јавниот долг и фискалниот дефицит, се над лимитот утврден со критериумите од Мастрихт, што ја загрозува фискалната одржливост. Поради тоа, потребни се итни корективни мерки за ограничување на трошоците, намалување на платите во јавниот сектор и зголемување на наплатата на буџетските приходи.

2. Неодамна Црна Гора стана членка на НАТО. Кои се економските ефекти? Како тоа влијае на макроекономијата?

- Црна Гора се наоѓа пред членство на НАТО. Договорот за прием на Црна Гора во НАТО досега е ратификуван од страна на 14 земји-членки. Останува Договорот да го ратификуваат и преостанатите 13 земји-членки на НАТО, што се очекува целиот процес на ратификација да заврши во првиот квартал на 2017 година. Членството во НАТО би значело повисок степен на сигурност на граѓаните, стопанството и на државата Црна Гора. Тоа би бил добар сигнал за потенцијалните надворешни инвеститори слободно да инвестираат во Црна Гора. Има простор за инвестиции во земјата, првенствено во областа на туризмот, енергетиката, сообраќајот и земјоделството. Заинтересираноста за странски инвестиции во Црна Гора е многу изразена. Црна Гора е лидер во регионот во однос на приливот на странски директни инвестиции, што во 2015-та, во однос на 2014 година, се пораснати за 75%. Во моментот, во Црна Гора се присутни инвеститори од 88 земји.

3. Какво е вашето мислење за банкарскиот систем во Црна Гора, во согласност со кварталниот извештај за работата на банките и на микрофинансиските институции во текот на првата половина на 2016 година? Во каква состојба се банките во Црна Гора?

- Веќе подолго време е присутно позитивното движење на параметрите во банкарскиот сектор на Црна Гора. Активата на банките во однос на истиот период лани е порасната за 6,6%, капиталот за 5,8%, а депозитите за 7,8%. Кредитната активност на банките не е на задоволително ниво, и покрај тоа што кредитите во последните неколку месеци се во пораст. Во однос на истиот период лани, кредитите се поголеми за 0,6%. Забележан е пораст на одобрени кредити, што во првото полугодие оваа година изнесуваат 25% од вкупните кредити на банките. Ликвидноста и солвентноста се константно над пропишаното ниво. Ликвидноста е во пораст од 5,7%, додека коефициентот на солвентност на банките е на ниво 16 (пропишано ниво е 10). Банките остварија позитивен финансиски резултат.

Каматните стапки на банките и понатаму се високи, иако е присутен тренд на нивно намалување. Пондерираната просечна ефективна каматна стапка на вкупните кредити изнесува 7,8% и пониска е за 1,05 процентни поени во споредба со истиот период минатата година, додека онаа на новоодобрените кредити изнесува 7,48% и намалена е дури за 1,57 процентни поени. Исто така, присутен е и тренд на намалување на пасивните каматни стапки.

Покрај високите каматни стапки, проблем е и високото ниво на нефункционални кредити (10,5%). Треба да се има предвид дека овие кредити во 2011 година изнесуваа дури 26% од вкупните кредити. До намалување дојде првенствено од нивната наплата, потоа од репрограмирање или од пренос на ваквите кредити на факторинг-компании на мајките-банки во странство. Со цел ублажување на овој проблем, во Црна Гора се донесе Закон за договорно финансиско преструктуирање, а потпишан е и Договор помеѓу Стопанската комора, Министерството за финансии и Централната банка.

Генерално, банкарскиот систем во Црна Гора е стабилен, ликвиден и солвентен. Нема банка со изразени проблеми во работата.

4. Кои се претстојните обврски за понатамошното усогласување на законодавството од областа на банкарската супервизија со регулативана на ЕУ?

- Централната банка на Црна Гора константно е во процес на усогласување на регулативата што е во нејзина надлежност со регулативата на ЕУ. Банкарската регулатива во Црна Гора е во висок степен усогласена според директивите на Европската комисија. Тој процес е континуиран. Во 2016 година подготвени се измени и дополнувања на Законот за Централната банка на Црна Гора и Законот за тековните и капиталните работи со странство. Од прописите што се однесуваат на супервизија, до крајот на 2017 година потребно е да се донесат: Закон за банки, Закон за факторинг, финансиски лизинг, микрокредитирање и гарантно кредитирање, Одлука за адекватност на капиталот, Одлика за ликвидност на банките и Одлука за регистрација на банките и финансиските институции. Во првиот квартал на 2018 година ќе се донесе Закон за санација на банките.

5. Капиталот на банките во 2016 година, во однос на истиот период од 2015 година, е зголемен за 5,8%. Што има најголемо влијание за пораст на капиталот на банките во Црна Гора во 2016 година?

- Најновите податоци покажуваат дека капиталот на банките во однос на крајот од претходната година е пораснат за 8,7%. На порастот на капиталот влијаеше докапитализацијата на две банки, почетокот на работа на една нова банка, како и позитивниот финансиски резултат на ниво на целиот банкарски систем.

6. Каква е ситуацијата во Црна Гора во активностите во банкарството на мало (Retail Banking)? Дали постои пораст на кредитирањето на малите и средните компании?

- Според методологијата на Црна Гора, нема официјални податоци за малите и средните претпријатија. Се следи движењето во секторите економија и население. Секторот население учествува со повеќе од 52% во формирањето на вкупните депозити. Во однос на истиот период минатата година, овие депозити се пораснати за 4,3%. Во структурата на депозитите на населението, орочените депозити учествуваат со 55%. Од друга страна, кредитите на населението учествуваат со 40,6% во вкупните кредити и тие се пораснати за 4,8% во однос на истиот период претходната година, додека, пак, порастот на новоодобрените кредити за населението изнесуваат дури 42,6%. Најголем дел од кредитите на населението (95,7%) се одобрени на рок подолг од една година. Наменски разгледувано, најзастапени се готовинските кредити со 51,2%, потоа кредитите за станбено градење и адаптација со 40,8%. Уредноста на расчистување на обврските на овие категории кон банките е многу поголема во однос на другите сектори. Во структурата на вкупните нефункционалните кредити овој сектор учествува со 28%.

7. Според вашите проекции и очекувања, со какви проблеми ќе се соочи црногорската економија во 2017 година?

- Црна Гора има БДП по глава на жител во износ поголем од шест илјади евра. Во последните десет години БДП беше во пораст по просек во година од 3,2%. Во 2015 година, порастот изнесува 3,5% во однос на 2014 година, и покрај неповолното меѓународно опкружување: тероризам, мигранти и украинската криза. Во 2017 година треба да се очекува продолжено присуство на проблемите што и досега беа присутни. Во прв ред, неликвидноста на реалниот сектор што се одразува на високо ниво на заостанати долгови. Моментално има 19% на правни лица и претпријатија што се блокирани. Потоа, има високо ново и динамика на јавниот долг и буџетски дефицит, како и високо ниво на нефункционални кредити и каматни стапки во банкарскиот сектор.

Исклучително сум почестен со одлуката на Академскиот совет на АБИТ во кој сум избран за почесен член на Академскиот совет. Одлуката ја примив со задоволство, затоа што ја ценам работата и достигнувањата што АБИТ ги има остварено во краткиот период од две години. Моја обврска е четириесетгодишното искуство стекнато со работа во Централната банка на Црна Гора да пробам да го приближам на младите генерации кои се определиле да ја работат оваа работа.

 8. Со повеќе од 40 години искуство во Централната банка на Црна Гора, може да се каже дека сте регионален експерт за монетарна политика и управување со монетарните финансии. Сега, како член на Академскиот совет во македонската банкарска академија – АБИТ, кои се вашите планови за во иднина?

Исклучително сум почестен со одлуката на Академскиот совет на АБИТ во кој сум избран за почесен член на Академскиот совет. Одлуката ја примив со задоволство, затоа што ја ценам работата и достигнувањата што АБИТ ги има остварено во краткиот период од две години. Моја обврска е четириесетгодишното искуство стекнато со работа во Централната банка на Црна Гора да пробам да го приближам на младите генерации кои се определиле да ја работат оваа работа.

Што се однесува за мојата понатамошна активност во Црна Гора, според Законот, немам право во период од една година по завршување на мандатот како гувернер да се занимавам со работи во финансискиот сектор. За тоа време ќе размислувам. Во секој случај, не се гледам себе во никоја друга област, освен во финансиите. Работата со монетарната политика е моја област на која ќе останам верен докрај.

Моја порака до младите е дека мораат да имаат јасна визија за својата иднина, да бидат одлучни во намерата да го остварат она што го имаат замислено, максимално да се посветат на работата за којашто се определиле

9. Какво е вашето мислење за важноста и мотивацијата во изборот и работата на младите банкари? Која е вашата порака на младите и перспективни банкари во Македонија?

- Како во секоја работа, така и во оваа, мотивацијата е многу битен елемент, и во фазата на избор и во текот на работата од страна на младите банкари. Мотивацијата е основна движечка сила што ги поттикнува луѓето да остваруваат подобри резултати. Доколку постои мотивација, резултатите ќе бидат неизоставни. Мотивираниот човек сигурно ќе ја сработи работата подобро, поодлучно и попосветено. За мотивацијата не треба да се занимаваат само вработените туку и нивните менаџери. Моја порака до младите е дека мораат да имаат јасна визија за својата иднина, да бидат одлучни во намерата да го остварат она што го имаат замислено, максимално да се посветат на работата за којашто се определиле. Со оглед на тоа што во банкарството нема или има малку работи што можат да се работат индивидуално, потребно е да се развие чувството за припаѓање на тимот со кој се работи. Исто така, неопходна е постојана интеракција помеѓу вработените и не треба да се има страв од конкуренција на работното место.


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by