КОНТРОЛИНГОТ ПРЕТСТАВУВА МАРКЕТИНГ НА СМЕТКОВОДСТВОТО
ИНТЕРВЈУ за „Е-Банкар“ број 6
Дипл. инж. Дитмар Пашер,
партнер, тренер и менаџер за Интернационалната програма на Академијата за контролинг од Минхен, Германија (Controller Akademie®)
КОНТРОЛИНГОТ ПРЕТСТАВУВА МАРКЕТИНГ НА СМЕТКОВОДСТВОТО
Контролорите треба да ги продадат/презентираат бројките/извештаите на менаџментот, кој треба да донесе добри одлуки за бизнисот
Потребни се извештаи, но на крајот на денот потребно е да се продадат заклучоците и извештаите на менаџментот
- Како менаџер за меѓународна соработка на престижната Академија за контролинг од Минхен, со Вашиот голем авторитет во светот на контролингот, на почетокот, можете многу да придонесете во напорите за донесување „know-how“ од Германија и Австрија, тука во Македонија, преку организирање на заеднички едукативни контролинг-програми. Какви се Вашите размислувања по таа основа?
- Сметам дека, особено Академијата за контролинг од Германија како основач на контролингот и пионер во контролингот во земјите од германско говорно подрачје, може да понуди најдобра практика за компаниите во Македонија. Од мое искуство, постојат два система, англо-американски и централноевропски пристап на контролинг, што очигледно е многу успешен, како што може да се види од различните приоди во различни земји. Верувам дека, според начинот на кој се развиваше во нашата земја, контролингот може да биде од огромно значење за компаниите во вашата земја и за развојот на вашата земја воопшто.
- На кој начин се врши трансфер на „know-how“ во рамките на Академијата за контролинг од Минхен, а во согласност со стандардите IGC?
- Основачите пред повеќе од 45 години почнаа со создавање на голема асоцијација, нарекувајќи ја ИЦВ (Интернационална контролинг-асоцијација), што има 6.000 членови. Нашите основачи ја основаа, исто така, Интернационалната група за контролинг (International Group of Controlling), обединувајќи ги големите институции од земјите на германското говорно подрачје. Тоа претставува широка соработка и со членовите кои стапуваат подоцна и во IMА – Интернационалната асоцијација за сметководствен менаџмент (International Management accounting Association) од САД. Оваа мрежа организира настани, конгреси, каде што нови теми доаѓаат во опсегот на нашата работа, во нашите гледишта. Кога ќе дојдеме до нови теми во контролинг веднаш организираме обуки, семинари со експерти надвор од нашата мрежа и на тој начин „know-how“ најпрвин ни се појаснува нам, кои го имплементираме според стандардите IGC, а подоцна го шириме во земјите, во компаниите преку нашите обуки.
- Во кратки црти, како би ја толкувале визијата и мисијата на Академијата за контролинг од Минхен?
- Ние имаме еден голем збор „edutainment“, што доаѓа од „education“, се разбира, и „entertainment“. Сакаме да се идентификуваме како сигурна адреса за контролинг и сакаме да понудиме искуствено знаење со нашите семинари и обуки. Ние обезбедуваме професионално „знаење за контролори“ и економисти, односно за сите вработени во компании, што претставува целосна обука. На највисокиот менаџмент му е потребно „контролинг-знаење“, на контролорите и на сите вработени во една компанија им е потребно, како што јас милувам да кажам, економска свест за успешно да ја водат компанијата. Имено, тоа претставува нашата цел.
- Дали сметате дека добриот контролинг може да придонесе за организациски развој во македонските компании и да биде еден од клучните двигатели за развој на претприемништвото во нашата земја?
- Да, верувам дека добриот контролинг претставува успех за секоја компанија. Интернационалната контролинг-асоцијација направи истражување пред неколку години и докажа дека од сто отсто од успешните компании во земјите од германското говорно подрачје, 70% од нив имаат успешни сектори за контролинг. Тоа ја потврдува високата поврзаност меѓу контролинг-секторите и успешноста на компанијата.
- Колку доброто известување и комуникациите имаат влијание врз успешноста на малите и средните претпријатија?
Ова оди рака под рака со претходното прашање. Во таа смисла, добриот контролинг води кон успешна компанија. Делот, односно обврската на секторот за контролинг е да ги интерпретира, да ги анализира извештаите и тогаш менаџментот на компанијата осмислува начини за дејствување на бизнисот понатаму. Ние, во Академијата за контролинг, секогаш велиме дека контролингот претставува маркетинг на сметководството. Потребни се извештаи, но на крајот на денот потребно е да се продадат заклучоците и извештаите на менаџментот.
- Дали постои силна врска меѓу сметководствениот систем во компаниите и контролингот?
Во земјите од германското говорно подрачје, традиционално, постои одвоеност помеѓу финансискиот и сметководствениот секотор од една, и секторите за контролинг, продажба, тренинг и консалтинг, од друга страна. Во последните години може да се забележи тренд на соработка и зближување на овие одвоени сектори. Постои потреба од соработка, размена на информации, планирање. На пример, кога ќе има потреба од процена на вредноста на компанијата, потребно е да се знае и идниот проток на парите. Информацијата за протокот на парите се добива од секторот за сметководство, но идниот проток на парите може да се добие од секторот за контролинг, бидејќи таму го планираат тоа. Затоа, тие мораат да соработуваат и тука се гледа поврзаноста меѓу овие два сектора.
- Кои се основните функции на контролорот?
За ова прашање ќе ми треба цела недела. J Секој што почнува да се занимава со контролинг во една компанија мора да ги знае бројките, а второ, според мене најзначајно, мора да го познава бизнисот. Тука е разликата со сметководителите кои треба да ги знаат пресметките/бројките, контролорите мораат да ги гледаат и процесите, луѓето, одлуките што се носат на основа на бројките. Како што споменав и претходно, контролорите треба да ги продадат/презентираат бројките/извештаите на менаџментот, кој треба да донесе добри одлуки за бизнисот. На крајот, сè се сведува на развојот на соработката со менаџментот и прифаќање на функцијата контролор како партнер на бизнисот.
- Дали зачленувањето на Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ) во меѓународната група на водечките контролинг-организации – Интернационалната група за контролинг (во која членува и Вашата Академија за контролинг од Минхен) го сметате како огромен чекор напред во промоција и стандардизирање на контролинг-професијата во Република Македонија?
Прекрасно е тоа што АБИТ стана членка на IGC. Да се има организации како вашата во земјата што ја промовира идејата за контролинг е фантастично, што значи дека вие ја следите нашата визија. Отсекогаш сме сакале концептот за контролинг да го рашириме тука на европските земји каде што сте и вие.
- Што може да се очекува од партнерството меѓу Академијата за банкарство и информатичка технологија и Академијата за контролинг од Минхен? Кога да очекуваме Ваше гостување во Скопје?
Вие, како клиенти, и компаниите во Македонија можете да очекувате најдобра практика кога се работи за контролинг-концептот, контролинг-алатките од една страна и размената на одлични искуства на интернационално ниво од друга страна. Одлично е да направиме план, за следната година да ја посетиме Македонија.