УЛОГАТА НА СУПЕРВИЗИЈАТА НА БАНКИТЕ



Статија во „е-Банкар“, октомври 2014 година.  

Утврдувањето на квантитетот и на квалитетот во управувањето со различните видови ризици на кои се изложени банките во своето работење, претставува централно внимание во активностите на супервизорските органи

Обезбедувањето и одржувањето на сигурен и стабилен банкарски систем е основна премиса за зајакнување на довербата на јавноста во банкарскиот сектор на земјата. Само сигурен и стабилен банкарски систем што ја ужива довербата на економските субјекти може да биде ефикасен интермедијатор на ресурсите на националната економија во насока на интензивирање на економскиот развој.

Оттука, со право, секоја држава посветува посебно внимание на регулацијата на банките, како значајна алка во изградбата на здрави, ефикасни и сигурни банки и заштита на стабилноста на банкарскиот систем и финансискиот систем во целина. Во таа насока постојат различни видови регулација:

а) Системска регулација, што подразбира донесување прописи и правила од страна на државата со цел да се минимизира ризикот една банка да пропадне и да предизвика системска криза и нарушување на довербата на јавноста во банкарскиот сектор. Тоа вклучува осигурување на депозитите вложени во банките и улогата на централната банка како зајмувач во крајна инстанција;

б) Прудентна регулација супервизија се однесува на контрола на целокупното работење на банките од страна на централната банка или од посебно формирана независна регулаторна институција; и

в) Деловна регулација, што се фокусира на начинот на кој банките го водат бизнисот, вклучувајќи ги внатрешната и надворешната независна ревизија.

Нивоа на реализација

Со супервизорската функција се оценува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето на банките со прописите. Таа се реализира на три нивоа:

  • лиценцирање, односно издавање дозволи и согласности врз основа на законската регулатива во земјата;
  • вонтеренска (off-site) и теренска (on-site) контрола на целокупното работење на банките; и
  • преземање на корективни мерки и активности кон банките.

Анализата на ризиците, односно утврдувањето на квантитетот и на квалитетот во управувањето со различните видови ризици на кои се изложени банките во своето работење, претставува централно внимание во активностите на супервизорските органи. Тие ја оценуваат соодветноста на воспоставените процедури и системи од страна на банките што се користат за идентификување, мерење, следење и контрола на ризиците. Преку супервизорските контроли се утврдува почитувањето на пропишаните супервизорски стандарди од страна на банките, што имаат цел ограничување на банкарските ризици, a произлегуваат од препораките дадени од страна на Базелскиот комитет за банкарска супервизија и европските директиви. На тој начин се овозможува добивање на сеопфатна слика за ризичниот профил на институцијата, врз чијашто основа се изработува стратегија за супервизија за секоја банка одделно и се обезбедува основа за планирање на супервизорскиот циклус на контроли.

Во зависност од опкружувањето и промените на пазарот, како и од развојот и иновациите во банкарската индустрија, регулаторите применуваат и постојано развиваат нови модели со кои го оценуваат работењето на банките, нивната успешност и профитабилност. Моделите претставуваат алатка преку која се следат промените на финансиската состојба на банките, се проценува нивниот профил на ризичност (risk profile) и начинот на кој банката ги управува ризиците на кои е изложена, но истовремено тие претставуваат и систем за рано предупредување (early warning system) до супервизорите за преземање на корективни мерки во случај на влошување на финансиската состојба на банката.

Иако секоја земја има развиено свој сопствен модел на супервизија на банките, зависно од нивото на развој на финансискиот систем, бројот, концентрацијата и големината на банкарските институции, отвореноста на финансискиот систем и слично, сепак сите активности се насочени во правец на остварување на крајната цел, создавање на сигурен и стабилен банкарски систем. Нема софистициран, точен модел за оценување на работењето на банкарските институции. Сите методи се во потрага на колку што е можно поуспешен начин да го оценат работењето на банките, да ги проценат ризиците на кои се изложени, да ги следат промените на финансиската состојба и навремено да ги алармираат супервизорите за преземање на корективни мерки.

Супервизијата е динамичен процес.

Значајните промени што се случија во банкарскиот бизнис како резултат на глобализацијата, технолошките промени, воведувањето на нови и покомплексни банкарски производи, надополнети со случувањата во економскиот амбиент во последните години придонесоа да се зголеми степенот на ризик на кој се изложени банките во своето работење. Воедно, тоа претставува и предизвик регулаторите да работат на усвојување на нови пристапи и пронаоѓаат подобри патишта и начин за решавање на супервизорските прашања и исполнување на нивната мисија на одржување на стабилноста и јакнење на довербата на јавноста во банкарскиот систем.


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by