АБИТ АНАЛИЗА: БАНКАТА, БАНКАРОТ И НОВИТЕ КОМПЕТЕНЦИИ
Навиката да се работи повеќе од тоа за што сме платени е една од најдобрите особености за нашата суштина на делување (тука, ние во АБИТ, мислиме на деловното делување). Оттука, една од жртвите кои со себе ги носи еден член на Управата на банката или успешна компанија е неговата подготвеност да работи повеќе отколку што тоа може да го бара од следбениците. За жал на приватноста на индивидуите или за среќа на системот, тоа е цената на успехот.
Банкарската индустрија како што ја нарекуваме во АБИТ круговите, е наш голем пријател и како индивидуи и како бизниси. Во таа насока, ние силно веруваме дека банкарскиот висок менаџер не е арогантен и „високоплатен“ суетен човек, туку напротив, тој е на исто стојалиште со лекарот или со други зборови кажано, тој ја има алатката да „помага“. Овој првиот го спасува индиректно човекот, додека вториот има директно влијание врз организмот. Исто така, сме на мислење дека со доближување на банкарската фела до младиот претприемач со формирање на т.н. „претприемачко банкарство“, првенствено преку специјализиран тренинг и специјалистички семинари, согласно европските стандарди за банкарски тренинг ќе се придвижуваме чекор напред кон креирање на успех во стопанството. Практично, во изминатите години, ние во АБИТ заедно со колегите, во оваа насока делуваме. Но, можеби е потребна уште поголема кооптација помеѓу финансискиот сектор и претприемачите со засилен трансфер на знаења преку алатката – стручно образование за банкари. Сега, време е новите компетенции за банкари и финансисти, кои неуморно сите заедно, повеќе од 80-тина колеги во АБИТ академијата, ги создаваме со силна поддршка на Европејците, и тоа ни помалку ни повеќе, туку точно осум години (АБИТ е основан 21.02.2014 година), да бидат препознаени и поддржани од страна на државата. Со тоа, таа ќе стави акцент на новото време за образованието, а притоа ќе ги маргинализира едукативните единки кои креираат не-квалитет. Таквата поддршка на новите компетенции за финансисти е потребна за цели во неформалното, а најповеќе за цели на реформите во формалното образование. Во таа насока, ние во АБИТ се ставаме во функција, ако и е потребно помош на државата, со колегите од државниот педагошки универзитет од Хајделберг и колегите од Француската банкарска асоцијација / Француската висока школа за банкари, да извршат трансфер на искуствата за нивните модели на функционирање.
Според ова, да подвлечеме дека не само банките, туку сите чинители на финансискиот систем, како и државата, треба да се вклучат во новиот систем кој ќе врши трансфер на знаења преку алатката - стручно образование за банкари и финансисти. Само така, преку специјализирано стручно образование (и тренинг) согласно европските стандарди сите заедно ќе допреме многу посилно до проблемите на претприемништвото (особено до стартапите), а со самото тоа до поголемата креативност и добро организирано опкружување.
Банката денес
Денес, во услови на совршена конкуренција, дејноста на банката не се врзува исклучиво за парите, туку за нејзината целокупна актива и тоа особено онаа актива што е најважна за нејзината успешност и профитабилност во работата. Имено, најважната активност на банката не се парите во трезорот, туку довербата на клиентите кон неа. Таа доверба е резултат на долгогодишен труд и совесна работа на банкарските специјалисти. Но, за да се изгради таа доверба, на банката ѝ се потребни дополнителни сили, со кои таа ќе влијае врз клиентите, за тие подоцна да побараат и дополнителни услуги од неа. Тоа е можно само доколку банката ги препознава трошоците поврзани со човечките ресурси како инвестиција.
Сега, станува појасна врската помеѓу успешноста на банкарската индустрија и развојот на нејзините човечки ресурси кои понатаму ќе бидат активни помагатели на целиот финансиски систем. Но, не само таа врска, туку потребна за успех на финансискиот систем, многу повеќе е врската за тоа, како, од една страна претприемачите со нивните компетенции и вештини можат да направат успех со позајмените пари од банката, а од друга страна, спремноста на банката силно да ги антиципира ризиците од таквиот процес. Тоа е формулата за „долга љубов“ помеѓу банките и идните претприемачи. Поточно, таа врска е одржлива со високо ниво на меѓусебно разбирање и дијалог. Помагател во тој правец е секако АБИТ едукативната платформа, со поддршка и промоција на новите стручни компетенции за финансистите, по примерот на субвенционираните едукативни програми за преквалификација и доквалификација.