СОЗДАВАЊЕ НА КУЛТУРА НА КОНТРОЛА НА УСОГЛАСЕНОСТ И СПРЕЧУВАЊЕ НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ И БОРБА ПРОТИВ ФИНАНСИРАЊЕ НА ТЕРОРИЗАМ 

Статија во „е-Банкар“ број 9

д-р Златко Шајноски, CAMS, CCS, Соработник за СПП/БФТ,

Стопанска банка АД – Скопје

Последниве неколку години сѐ почесто се зборува за создавање на култура на контрола на усогласеност (КУ) и спречување на перење пари (СПП) и борба против финансирање на тероризмот (БФТ) и дека треба да се направи "вистинското нешто" по однос на ова прашање. Истовремено, локалните и меѓународните прописи стануваат сѐ построги, а со тоа и предизвиците со коишто се соочуваат професионалците што работат во оваа сфера. Притоа, клучна работа којашто се става под прашање е како професионалците да се справат со секојдневните промени во регулативата и процесите на КУ/СПП/БФТ? Како професионалците од оваа сфера ќе докажат дека имаат имплементирано соодветни програми за КУ/СПП/БФТ за заштита на своите институции/компании од ПП/ФТ и/или прекршоци на регулативата?

Затоа, како прв чекор, треба да се создаде увереност и свест меѓу професионалците од областа на КУ/СПП/БФТ дека никој не е совршен. Сепак, може да се преземат разумни чекори коишто ќе овозможат соодветна заштита на институциите/компаниите за истите да бидат ефикасно управувани и усогласени со релевантната локална и меѓународна регулатива. Ова подразбира и преземање одговорност за своите постапки и носење на важни одлуки при извршување на своите должности. Притоа, нема некоја предефинирана формула за преземање на адекватни постапки, односно клучната улога ја имаат сите вработени во институцијата/компанијата, вклучувајќи го и вишиот менаџмент, којашто вклучува преземање на соодветно персонализирани чекори во зависност од индустријата во којашто настапува институцијата/компанијата за создавање на интегритет, севкупно разбирање на процесите и ризиците, како и соодветна усогласеност со прописите. Всушност, треба да се изврши интервенција во постулатите на корпоративното управување, односно редефинирање на механизмите, односите, правилата и процесите што ја управуваат и контролираат институцијата/компанијата.Посебен акцент треба да се постави врз менувањето на клучни акти, од коишто најважен е Кодексот на етика, којшто треба да ја има улогата на водич за вработените и менаџментот за создавање свест и соодветно однесување, како и преземање постапки приспроведувањето на КУ/СПП/БФТ процесите. Важна улога играат и политиките за прифаќање на клиенти и укажување на несоодветно работење, чијашто цел е да им помогне на вработените да разберат дали правилно работат или не и дали треба нешто да се корегира за да не се соочи институцијата/компанијата со регулаторни казни и поврзани проблеми.На тој начин се гради патот по којшто ќе се движи институцијата/компанијата, особено во делот на донесувањето на стратешките одлуки и преземањето на одговорност од страна на сите нивоа во институцијата/компанијата. Понатаму, аспект на којшто треба да се посвети особено внимание е организационата структура. Поставувањето на едноставна и транспарентна организациска структура им овозможува на институциите/компаниите да обезбедат одговорност кај сите нивоа на одлучување, а пак на вишиот менаџмент да ги пренесе вистинските пораки на сите вработени во однос на основните вредности и принципи на КУ/СПП/БФТ.Освен тоа, ваквата структура треба да го олесни и процесот на ревизија и мониторинг на процесите во институциите/компаниите. Исто така, треба да се дефинираат и соодветно улогите и надлежностите на секој вработен. Тоа се постигнува преку креирање на детални описи на работните места што ќе бидат вклучени во договорите за вработување што јасно и детално ќе ги дефинираат работните задачи на вработените и критериумите за евалуација на нивните перформанси. Ваквата евалуација ќе ги утврди како критериуми за оценување и одговорноститена секој вработен во однос на усогласеноста со прописите, политиките и процедурите.

Институциите/компаниите се препорачува да преземат чекори за соодветна идентификација, евалуација и ефикасна елиминација/намалување на ризиците од нивното работење.По идентификацијата на ризиците, институциите/компаниите треба да ја оценат и веројатноста и сериозноста од прекршување/непочитување на законските прописи и да дизајнираат соодветни алатки и методологии за справување со ваквиот ризик. Клучна улога во овој процес има и имплементацијата на КУ/СПП/БФТ програма, којашто претставува збирка на политики, процедури и активности, но, пред сѐ, однос/став што треба секој вработен да го има кон лицата/субјектите што сакаат да ги злоупотребат нивните организации за перење пари, финансирање тероризам, или други кривични дела. Се разбира, програмата треба да биде персонализирана согласно профилот на секоја институција/компанија, односно секторот во којшто функционира, производите и услугите што ги нуди, типови на клиенти што ги опслужува, пазари на коишто настапува и слично. Со цел ефикасна имплементација на КУ/СПП/БФТ програмата, се налага ангажирање на соодветно образувани и квалификувани вработени коишто можат да се справуваат со комплицирани и софистицирани случаи на неусогласеност, перење пари и финансирање тероризам. Тие треба да поседуваат одлично теоретско и практично познавање за типот на институции/компании за коишто работат, затоа што е многу важно, во случај на појава на одреден ризичен настан за институциите/компаниите, да реагираат промптно и да применат соодветни алатки и механизми за да се спречат негативните последици од таков настан. Исто така, вработените од КУ/СПП/БФТ областа треба да бидат независниво однос на останатите организациони единици и да им бидат дадени на располагање доволен број на ресурси за непречено имплементирање на КУ/СПП/БФТ програмата. Освен тоа, неопходно е да се примени и независно ревидирање на работата на овие лица, како и редовно тестирање на процедурите и системите.

На крајот, за да успее ефикасната имплементација на програмата за КУ/СПП/БФТ, институциите/компаниите е неопходно да креираат план за обука на вработените, менаџментот и особено вработените од областа на КУ/СПП/БФТ. Со обуките, сите инволвирани лица ќе бидат запознаени со своите обврски. Освен тоа, тие треба да бидат запознаени и со постапките што ќе треба да ги преземат во случај да наидат на ризични настани од областа на КУ/СПП/БФТ. Обуките не треба да бидат само формални предавања во училници, туку можат и да се одвиваат и преку онлајн платформи или други методи на предавања што соодветно ќе ги пренесат на вработените информациите и други аспекти поврзани со КУ/СПП/БФТ.

 


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by