Инстант-плаќања – во центарот на новите платежни трендови

Статија во „е-Банкар“ број 9

М-р Драган Радески,

Директор на дирекција во КИБС

Општо за инстант-плаќања

Глобализацијата, мобилноста и информатичко-технолошкиот прогрес природно ги зголемија очекувањата за нови решенија во доменот на плаќањаи брз проток на средства. Во оваа смисла, сведоци сме на појавата и јакнењето на една ефикасна платформана располагање на финансискиот бизнис– инстант-плаќања. Инстант-плаќање е плаќање во кое преносот на платежната информација и финалната достапност на средствата на примачот се извршува во реално време (за неколку секунди). Покрај терминот „инстант-плаќања“(„instant payments“), често се сретнува и терминот „плаќања во реално време“(„real time payments“).

Вообичаено, станува збор за електронски иницирани трансакции од компјутер, мобилен телефон или друг уред, каде што речиси моментално од страна на нивните банки се врши намалување на средствата од сметката на иницијаторот (купувачот) и кредитирање на сметката на примачот (продавачот).На тој начин,примачот се здобива со сигурност за да премине кон испорака на производот или на услугата, како и со можност за подобро користење и управување со своите парични средства. Купувачот,пак, добива потенцијално широк спектар на нови можности и сценарија за употреба на своите паметни уреди, вклучително и префрлање средства кон други лица (P2P), плаќање кон електронски или физички продажни места (P2B), плаќање фактури помеѓу правни лица (B2B) и слично. Очекувањата се такви што во блиска иднина ваквиот тип плаќања треба да бидат „нови нормални плаќања“(„new normal payments“).

Карактеристики

Постојните системи за инстант-плаќања што функционираат во различни земји на Европа и светот или се во фаза на планирање и развој имаат свои специфичности и особености. Сепак, можат да се препознаат неколку преовладувачки карактеристики:

  • Расположливост 24×7 – корисниците можат да извршат или да примат плаќање во кој било момент од денот или ноќта, кој било ден од неделата.
  • Моменталност – средствата што се предмет на трансакцијата се достапни на сметката на примачот во реално време или речиси во реално време.
  • Неотповикливост – во моментот кога плаќањето е реализирано, тоа веќе не може да се отповика.
  • Атомичност–вообичаено, трансакциите се единични, со конечен статус по неколку секунди од иницирањето.

Состојбата во Европа

За да се овозможи интероперабилност и да се олесни на платежните институции да понудат инстант-плаќања за своите корисници во рамките и помеѓу државите од SEPA (Single Euro Payments Area),Европскиот платен совет,во ноември 2017 година,објави шема за кредитен инстант-трансфер (SCT Inst).Со неа се дефинираат правилата при извршување на едно инстант-плаќање, како и множеството податочни пораки што се разменуваат притоа, базирани на стандардот за финансиски услугиXML 20022. Се поставува време од десетсекунди како максимално целно време за реализација на плаќањата(time-out deadline) и максимален износ од 15.000 евра на поединечна трансакција.

Шемата е од незадолжителен карактер, односно прифаќањето е на доброволна основа, што заедно со податокот дека во неколку европски држави од претходно веќе функционираатлокални решенија за инстант-плаќања, сè уште дава фрагментирана слика на системите за инстант-плаќања во Европа.

Инстант-плаќања кај нас

Клириншката куќа КИБС АД Скопје, во договор и соработка со банките во Република Македонија, Народната банка и Министерството за финансии, развива и подготвува систем за инстант-плаќања. Во моментот, КИБС има подготвено функционална тест-платформа штое ставена на располагање за потребите на развојот на софтверски компоненти од страна на банките, согласно доставеното Техничко упатство за инстант-плаќања. Тест-платформата опфаќа софтверска компонента за прием на плаќања во КИБС, како и веб-апликација за симулација на различни сценарија при инстант-плаќања.

Системот е во согласност со шемата SCTInst на Европскиот платен совет, ги следи препораките за функционалниот тек на трансакциите и користиXML пораки базирани на податочниот стандард ISO 20022, притоа имајќи ги предвид прописите за платни инструменти што важат во Република Македонија.Моделот обезбедува гарантираност на секое инстант-плаќање преку контрола и управување на расположливото обезбедувањеод секоја банка-учесник во системот.Максималниот рок за завршување на едно инстант-плаќање еисто така согласношематаSCTInst, со тоа што тестирањата во реална околина со учесниците ќе покажат дали е возможно тоа да биде помалку од десетсекунди. Притоа,интеракцијата помеѓу банките-учесници и КИБС се одвива во рамките на безбедна и затворена мрежа, со размена на дигитално потпишани пораки.

Реализацијата на ваков систем за инстант-плаќања би донела многубројни придобивки за сите засегнати страни: купувачите, примачите, финансиските институции, па и целата држава. Можатда се набројат некои од нив: брз и сигурен начин за купување во кое било време од денот, овозможување на моментални плаќања помеѓу клиенти на различни банки, можност за користење на средствата од страна на примачот веднаш по завршување на трансакцијата, намалување на готовината во оптек, зголемена инклузија на корисници на финансиски услуги, подобрена брзина на наплата на фактури, сметки и јавни давачки,моментална информација за уплатите кон буџетските институции и скратување на времето за опслужување на граѓаните во јавната администрација.

Досегашната соработка со НБРМ, банките и Министерството за финансии ветува успешна изградба на нова платежна инфраструктура што преку мноштво нови сценарија за плаќање (преку мобилен телефон, на физички продажни места во трговија, во е-трговија и сл.) ќе даде нова динамика во економскиот развој на нашата земја.


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by