Со недефинирана перспектива, не може да очекуваме бизнисот да размислува за инвестиции
Интервју во „е-Банкар“ број 9
М-р НОРА АЛИТИ
Претседател на Комисија на Хартии од Вредност
Зошто според Вас, во Македонија прибирањето на капитал не оди преку Берза? Каде го лоцирате проблемот,што и покрај зaдолженоста и поскапите кредити, компаниите не се решаваат за емитување на хартии од вредност. Дали тоа значи дека домашните компании сè уште се плашат од влез на нови акционери?
Вратата на пазарот на капитал е секогаш отворена за сите претприемачи кои имаат добри идеи ,но за жал сеуште најчест начин на финансирање на бизнисите во Македонија е преку земање кредити од страна на банките. Издавањето на хартии од вредност е алтернативен начин на финансирање, кој бележи тренд на зголемување на светско ниво. На менаџерите при носењето на одлуката за тоа како да дојдат до свеж капитал клучни треба да им бидат ценатана алтернативниот извор на финансирање, активностите на конкуренцијата, циклусот во кој се наоѓа индустријата во која работи издавачот, расположението на инвеститорите и моменталниот тренд на пазарот на хартии од вредност. Не смее да се потценат ниту степенот на зрелост на компанијата и изградениот модел на корпоративно управување. Очекувам примарниот пазар да се користи од страна на компаниите за прибирање на свеж капитал, зашто трошоците за емисии се реално ниски. Ме прашувате зошто прибирањето на капитал не оди преку Берза? И овојпат ќе посочам неколку факти, кои и неодамнајавно ги кажав:затворената, концентрирана и инертна сопственичка структура на друштвата, незаинтересираноста на одборите на компаниите за пазарот на капитал и секако она традиционалното ,,ако нема законска обврска , чуму да го правам, а има и такви кои чекаат,,државна,, стимулацијаза да излезат на пазарот.Јас ценам дека секој поединец или компанија може да го пронајде интересот на пазарот на капитал. Ние забрзано работиме на проект за поттикнување на примарниот пазар и тоа преку селектиран, персонализиран и аналитичен пристап, односно вниманието ни е свртено кон неколку друштва со ограничена одговорност за кои цениме дека би имале интерес да излезат на берза, а со оглед на препознатливите производи и услуги што ги нудат би биле атрактивни и за инвеститорите. Дури подготвени сме да им помагаме при подготовка на документацијата за ИПО,а ќе бидат ослободени и од така нискиот надоместок.
Кои се инструментите што ви стојат на располагање за натамошен развој на пазарот?
За Македонија и за регионот, како прилично фрагментиран и во кој пазарите не се многу длабоки, потребно е да има интезивна соработка со локалните берзи и да се зголеми бројот на инструменти со кои се тргува. Предизвик за КХВ е преку различни активности да создаваме амбиент кој им обезбедува на инвеститорите една поширока пaлета на можности. Mорам да истакнам дека и сега на Берзата има квалитетни акции со многу солидни дивидендни приноси, кои имаат континуирана ликвидност и преставуваат добра инвестициска алтернатива. Ме радува фактот што меѓу првите наши одлуки беше банките да можат да издаваат нова хартија од вредност – перпетуална обврзница, со што се збогати понудата на нашиот пазарна капитал со уште еден финансиски инструмент. Неодамна овој производ го презентиравме пред потенцијалните издавачи во Македонскaта банкарска асоцијација. Исто така, создадовме услови континуираните државни обврзници да котираат на берза, што значи нов квалитет на нашиот пазар на хартии од вредност и е од корист за сите учесници на пазарот и за издавачот. Освен понуда,инвеститорите бараат извесност и предвидливост, тие се чувствителни и пребирливи, и затоа многу e важно Република Македонија евроатлански да се интегрира со што би се зголемил економскиот раст,профитот на фирмите и ќе се динамизира пазарот на капитал. Oва е дефинитивно правецот со кој пазарот на хартии од вредност во Македонија ќе ја избегне позицијата на „локален губитник“ и ќе се приклучи во групата на „глобални добитници“.Во спротивно, со не дефинирана перспектива, не може да очекуваме бизнисот да размислува за идни и прогресивни инвестиции. И Светската банка, на почетокот на октомври, во редовниот економски извештај за Западен Балкан предупреди дека на очекувањата за економски раст од 2,5 посто годинава, следната 2,9, а во 2020 година 3,2 отсто може да влијае нарушувањето на реформскиот процес под влијание на изборните циклуси и не исполнување на фискалната консолидација.
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија како регулатор на пазарот на капитал се грижи за транспарентен и регулиран пазар и се разбира за примена на прописите. Каква политикакон индустријата ќе спроведувате во наредниот период?
Нашата мисија е да ги штитиме инвеститорите, да се грижиме за фер, сигурен, транспарентен и ефикасен пазар на хартии од вредност и да го олесниме привлекувањето на капитал со што ќе придонесеме кон економски раст и развој на државата. Сето тоа, бара КХВ активно да ја извршува својата функција на супервизорски и регулаторен орган на пазарот на хартии од вредност,а од овластените учесници да се придржуваат кон правилата на берзанското работење и етика, да се однесуваат професионално, при што особено е важно да не ги ставаат своите над интересите на клиентите, да не ги кршат правилата што важат на пазарот за потоа случајот да стигне до Комисијата за хартии од вредност како регулатор на пазарот , при што треба да изрекува санкции. Со еден збор, секој да си ја остварува улогата за која што постои. Овој пристап ,ние како КХВ им го кажавме на овластените учесници уште при првата средба во Комисијата кога на заедничка маса ги идентификувавме и дискутиравме за приоритетите и за целите на кои заеднички ќе работиме, а кои се во насока за развој на пазарот на капитал во Република Македонија. Градиме партнерски однос и отвореност, имаат можност да нудат предлози, но и да го критикуваат она кое според нив не е на линија на развој на пазарот. За мене како Претседател на КХВ, особено е важна супервизорската функција на Комисијата и преферирам да има секојдневен мониторинг , навремено да им се укажува на овластените учесници на нивните обврски и превентивно да се делува, се со цел штета да нема или пак да биде мала. Затоа, во Outreach Програмата предвидовме низа чекори – препорака, укажување, опомена,се со цел да делуваме превентивно. Веќе и така се однесуваме, на пример за исплата на дивиденда, за објавување на информации по член 166 б од Законот за хартии од вредност и да не набројувам. Едноставно, нашиот успех не го мериме по бројот и тежината на изречени мерки, туку според почитувањето на законските прописи и стандардите за добро корпоративно управување од страна на сите учесници на пазарот. Преку Outreach Програмата промовираме соработка со индустријатаи градиме корпоративен однос, кои обезбедуваат меѓусебна доверба меѓу сите чинители и ги зајакнуваат стабилноста и интегритетот на пазарот. Како регулатор, лесно е да манифестирате сила и да сеете страв, но тоа не е нашиот двигател, наш предизвик е да ја мотивираме заедницата , да ја развиваме дејноста , да привлекуваме инвеститори...
Европските регулатори особено ставаат акцент на финансиската писменост . Дали се потребни активности за едукација на јавноста и што правите на тој план ?
Да, во нашиот фокус е финансиската писменост и едукацијата како предуслови за заштита на инвеститорите, за функционирање на финансиските пазари, за промените кои ги претрпуваат и за опасностите кои произлегуваат од неразбирањето. Се преземаат мерки за да се подобри финансискиот капацитет на широката јавност преку обезбедување на информации и алатки кои им се потребни за донесување на издржани одлуки и за разумно менаџирање со заштедите. Како вели Ворен Бафет -
"Со инсајдерски и нецелосни информации и еден милион долари може да банкротираш за една година". Младата популација ни е особено важна, зашто токму во неа ги гледаме идните креатори на економските политики и потенцијалните играчи на пазарот на капитал. Донесовме Програма за изведување на практична настава во Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2018 година со која КХВ им дава можност на учениците и на студентите дополнително да учат и да стекнуваат нови знаења и искуства од областа на пазарот на хартии од вредност, со што ќе станат конкурентни при нивното идно вработување. Воведовме факултативен предмет ,, Пазар на хартии од вредност,, во меѓународната гимназија Нова и веќе стручните лица од КХВ одржаа неколку часа...Спроведовме Конкурс за најдобар истражувачки труд/есеј на тема „Влијанието и придобивките на приклучување кон евроатлантските организации врз работењето на пазарите на хартии од вредност“ и пројавениот интерес и квалитетот на трудовите не мотивираат да ја продолжиме праксата и секоја година да ја наградуваме најдобрата сторија на актуелна тема од областа на пазарот на хартии од вредност. Само преку вакви и слични конкретни активности можеме да очекуваме дека и Република Македонија ги следи позитивните трендови на пазарите на капитал во развиените економии. Во таа насока активни сме и во Кординативното тело за финансиска едукација во кое се НБРМ, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувње, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Задоволство ми е во ова интервју да соопштам дека неодамна во Хаг започнаа и првичните подготовки со Министерството за финансии на Холандија преку размена на искуства и знаења за изработка на Стратегија за финансиска едукација и писменост на државно ниво. Ова ни покажува дека сите земји преземаат активности за да го едуцираат населението во ракувањето и користењето на финансиските услуги . Искуствата покажуваат дека едукацијата е потребна без разлика дали станува збор за развиена земја и без разлика на образованието на населението, бидејќи, во последните години има многу иновации што и оние што се упатени, не можат да ги разберат. Впрочем, нашиот интерес е да имаме население кое добро ќе ги разбира финансиските услуги што ги користи и нема да влегува во непотребни ризици. Успешното инвестирање е поврзано со здравиот разум. На тој начин, сите заеднички придонесуваме за избегнувње и минимизирање на ризиците во финансискиот сектор, а со тоа и креираме постабилен финансиски систем.
Откако сте Вие Претседател, КХВ промовира силно чувство на одговорност кон заедницата, зошто?
Драго ми е што сте забележале. Нашата заложба, да бидеме и општествена одговорна институција, е дел од поголема заложба за оптимизирање на институционалните перформанси, а која неодамна ја вградивме и во Годишната програма за работа на Комисијата, со цел сите заедно да се развиваме за да одговориме на идните предизвици.Свесни сме дека како се развива пазарот на хартии од вредност и станува динамичен, така се нагласува и улогата на Комисијата, а со тоа се зголемува и потребата од јакнење на капацитетите и ефикасноста на нашата институција. Се стремиме континуирано да инвестираме во човечкиот капитал, да вложуваме во модернизација на ИТ инфраструктурата, да го подобриме институционалното управување и се разбирада сме општествено одговорни. Мораме да учиме, да се менуваме,да растеме, да ги прошируваме хоризонтите,да бидеме иницијативни. Комисијата постојано се стреми да биде институција која промовира силно чувство на интегритет, одговорност, отчетност и професионалност меѓу вработените. Затоа, во Етичкиот кодекс кој го донесовме во август ,интегритетот, ефективноста, правичноста, отчетноста, извонредноста и тимската работа се вредностите на делување на Комисијата, вредностикои се клучни во исполнувањена нашата мисија и на законските надлежности и овластувања. Во делот на општествената одговорност, правиме напори да ги охрабриме сите вработени и учесници на пазарот да придонесуваат кон заедницата. Во таа смисла, во соработка со Црвениот крст на Република Македонија спроведовме крводарителска акција, која е прва во организација на Комисијата.Ја поддржавме и World Clean-up Day и сите заедно, комисионерите и вработените го чистевме отпадот во Тафталиџе. Овде би ја спомнала и Internship програмата, односно бесплатните програми за обука кои треба да им овозможат на прворангираните дипломци со просек да ја следат Обуката за инвестициски советници без надоместок. Сите овие активности ги разбираме како елементи кои можат да доведат до поголема економска и социјална ефикасност воопшто.